ПРВ.мк
Македонија

ФИЛМСКА АКЦИЈА НА ТАБАНОВЦЕ: Во таен бункер пронајдени 500.000 евра – албански државјанин фатен при обид за шверц!

ФИЛМСКА АКЦИЈА НА ТАБАНОВЦЕ: Во таен бункер пронајдени 500.000 евра – албански државјанин фатен при обид за шверц!

Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречиле спектакуларен обид за нелегален пренос на половина милион евра, кои биле сокриени во специјално изработен бункер во минибус.

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, соопшти дека станува збор за најголема заплена на девизи во историјата на македонската Царинска управа.

Парите биле откриени при детална контрола на минибус сопственост на туристичка агенција од Албанија, со кој во моментот се превезувале седум патници.

Возилото го управувал албански државјанин со иницијали Џ.Г., кој сега се соочува со кривичен прогон, а за случајот веќе била донесена и судска пресуда од Основниот суд во Куманово.

Според Николовски, мобилниот тим забележал сомнителни преправки на возилото, по што било вклучено и царинското куче кое реагирало на конкретно место во минибусот.

Сомнежите дополнително биле потврдени по скенирањето на возилото од страна на Службата за мобилни скенери.

Потоа инспекторите пристапиле кон отворање на скриениот простор, каде пронашле 14 проѕирни ќеси полни со кеш пари – вкупно 500.000 евра.

Од Царинската управа информираат дека девизите и возилото се трајно одземени, а запленетите средства веднаш биле предадени во Агенцијата за управување со одземен имот и депонирани во Народната банка.

Николовски изјави дека средствата ќе завршат во државниот буџет и ќе бидат искористени за изградба на патишта, болници и училишта.

Тој јавно им се заблагодари на цариниците за, како што рече, „школски одработената професионална контрола“, најавувајќи дека сите службеници кои учествувале во акцијата ќе бидат наградени со по 10.000 денари.

Од Царината испратија и порака дека секој обид за нелегален прекуграничен пренос на готовина и криумчарење ќе биде строго санкциониран.

Најнови вести