ПРВ.мк
Македонија

ПЕНЗИОНЕРИТЕ ОД АЛТА БАНКА ЌЕ МОЖАТ ДА ПОДИГНАТ ПЕНЗИЈА НА ШАЛТЕР: Се подготвува посебно решение за 3.500 граѓани без платежни картички!

ПЕНЗИОНЕРИТЕ ОД АЛТА БАНКА ЌЕ МОЖАТ ДА ПОДИГНАТ ПЕНЗИЈА НА ШАЛТЕР: Се подготвува посебно решение за 3.500 граѓани без платежни картички!

Народната банка подготвува посебен начин за исплата на пензиите на околу 3.500 пензионери кои примаат средства преку АЛТА банка АД Битола, но немаат платежни картички. Се разгледува можноста тие да можат еднократно да подигнат до 20.000 денари директно на шалтер, со што би им се олеснил пристапот до сопствените пари.

Покрај решавањето на проблемот со исплатата на пензиите, Народната банка бара начин да им помогне и на компаниите кои имаат средства на сметки во оваа банка, а треба да исплатат плати на вработените и да ги подмират обврските за даноци и придонеси.

Овие информации ги соопшти гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во интервју за емисијата „Топ тема“ на ТВ „Телма“.

Народната банка навремено реагираше со воведување привремена администрација во АЛТА банка АД Битола. Оваа заштитна мерка е предвидена со закон и може да трае до три месеци. Тимот на Народната банка кој е присутен во банката постојано ја следи состојбата, функционирањето на банкарските услуги и работата на банкоматите.

Посебно внимание се посветува на изнаоѓање решение за клиентите кои немаат платежни картички и поради тоа имаат отежнат пристап до своите средства.

„Од вкупно 11.500 пензионери кои примаат пензија преку Банката, околу 3.500 немаат платежни картички. За нив подготвуваме посебно решение за исплата преку шалтер. Целта е да им овозможиме полесен пристап до нивните средства, а јавноста ќе биде информирана веднаш штом ќе бидат утврдени сите потребни детали“, посочи гувернерот Славески.

Во рамките на ова решение се разгледува можноста пензионерите без платежни картички да можат еднократно да подигнат сума до 20.000 денари. На тој начин би се избегнале повеќекратните посети на шалтерите, а на граѓаните би им се овозможило полесно да располагаат со своите пари.

Што ќе се случува со фирмите и исплатата на платите?

Проблемот не ги засега само пензионерите. Со воведените мерки, правните лица кои имаат сметки во АЛТА банка АД Битола сè уште можат да вршат внатрешни плаќања во рамките на банката. Тоа значи дека можат да префрлаат средства на сметки на други правни и физички лица, без ограничување на износот.

Сепак, преносите на пари надвор од банката се привремено ограничени.

Поради тоа, Народната банка разгледува можни решенија за компаниите кои имаат средства на сметките во АЛТА банка, но треба да ги исплатат платите на своите вработени и да ги подмират обврските за даноци и придонеси.

Гувернерот посочи дека ова прашање е особено важно поради законскиот рок за плаќање на овие обврски, кој истекува на 15-ти во месецот.

„Народната банка ги разгледува и можните решенија за компаниите кои имаат средства на сметки во Банката, а треба да ги исплатат платите на вработените и да ги подмират обврските за даноци и придонеси, имајќи предвид дека законскиот рок за нивно плаќање е до 15-ти во месецот“, истакна Славески.

Тој нагласи дека Народната банка постојано ја следи состојбата, а воведените ограничувања ќе бидат предмет на разгледување во зависност од понатамошниот развој на настаните. За сите важни промени и донесени одлуки, јавноста ќе биде навремено информирана.

Акциите на банката ќе бидат понудени на Македонската берза

Во меѓувреме, Народната банка презема активности и во врска со сопственичката структура на АЛТА банка АД Битола.

До надлежниот регулатор во Србија било испратено известување со барање во рок од три дена да се произнесе дали АЛТА банка а.д. Белград ќе ги понуди на продажба акциите што ги поседува во АЛТА банка АД Битола.

Славески објасни дека, без оглед на тоа дали ќе пристигне одговор од српскиот регулатор, по истекот на десет дена Народната банка ќе ги понуди акциите на битолската банка на Македонската берза.

Според него, веќе постои интерес од неколку потенцијални инвеститори од земјата и од странство кои би сакале да ги преземат акциите на банката.

Сепак, евентуалната продажба ќе се спроведе во согласност со законските прописи и надлежностите на Народната банка. Целта е да се избере инвеститор кој ги исполнува законските и супервизорските критериуми за стекнување квалификувано учество и кој ќе придонесе за долгорочна стабилност и непречено работење на банката.

Гувернерот нагласи дека роковите за следните чекори се кратки, бидејќи брзото постапување е особено важно за да се најде соодветно решение за иднината на АЛТА банка АД Битола.

Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата и да ги презема сите активности во рамките на своите законски надлежности, со цел да ги заштити интересите на клиентите и да ја зачува стабилноста на банкарскиот систем.

Најнови вести