Основниот кривичен суд во Скопје ги прогласи за виновни тројцата полицајци од Кочани за злоупотреба на службената положба, изрекувајќи им условни казни затвор.
Кире Богатинов и Горан Лазаров добија условна казна од една година затвор, додека командирот на полициската станица во Кочани, Александар Темелков, е осуден на условна казна од две години. Казните нема да се извршат доколку во наредните четири години не сторат ново кривично дело.
На изрекувањето на пресудата не присуствуваа ниту обвинетите, ниту нивните бранители.
Судијката Лидија Петровска во образложението истакна дека обвинетите формално ги извршувале своите должности, но суштински не постапувале согласно законските обврски.
„Формата била запазена, но суштината изостанала. Формалното постапување што не води кон резултат не е извршување на должноста, туку нејзино неизвршување“, рече таа.
Според Судот, нивното постапување довело до тоа да не биде поведена прекршочна постапка против одговорните лица, со што е овозможена имотна корист и е нарушена законската постапка.
Судијката нагласи дека површното постапување создава впечаток на „недопирливост“ и ја поткопува довербата во правната држава.
Во случајот со Темелков, Судот утврдил дека и покрај тоа што имал информации за вистинскиот носител на дејноста, сепак дозволил постапката да се води против погрешен правен субјект.
Обвинетите се задолжени да платат и по 7.000 денари судски трошоци.
Пресудата не е правосилна и е дозволена жалба до Апелациониот суд во Скопје.








