Европската Унија воведува ново ограничување за плаќања во готово, со кое трансакциите над 10.000 евра ќе бидат забранети кога се работи за купување од фирми.
Мерката, усвоена во 2024 година како дел од пакетот за борба против перење пари, ќе почне да се применува од јули 2027 година, во рамки на Регулативата 2024/1624.
Ограничувањето важи за сите плаќања за стоки и услуги каде што една од страните е правно лице, односно компанија или фирма.
Практично, тоа значи дека граѓаните на ЕУ нема да можат да купат автомобил од 50.000 евра во готово во авто-салон, туку ќе мора да користат банкарски или дигитални методи на плаќање.
Сепак, правилото не важи за трансакции меѓу физички лица, па купување половни автомобили или слични зделки меѓу граѓани остануваат дозволени, во зависност од националните закони.
ЕУ им остава на земјите-членки можност да воведат и пониски лимити, како што веќе постои во некои држави, меѓу кои и Италија.
Иако мерката предизвика шпекулации дека се оди кон укинување на кешот, експертите нагласуваат дека готовината не се забранува, туку се ограничува за големи износи.
Главната цел, според Европската комисија, е борба против перење пари, финансирање тероризам и намалување на анонимни големи трансакции.
Со новите правила, ЕУ сака повеќе плаќања да се одвиваат преку следливи канали, со што би се затвориле „дупките“ што ги користат криминалните групи.






