Вкупно 42 лица биле уапсени во Шпанија за време на генералниот штрајк и протестите што се одржале во повеќе градови, поради судири меѓу демонстрантите и полицијата. Најголем број приведувања биле регистрирани во Баскија, каде што биле уапсени 13 лица, пренесе шпанската јавна телевизија РТВЕ.

Протестите биле организирани со барања за повисоки плати, поквалитетни јавни услуги и гарантирано право на домување. Освен во Баскија, полицијата интервенирала и во Мадрид, Малага, Алмерија, Гранада, Барселона, Навара, Ваљадолид, Ла Риоха, Аликанте, Валенсија и Кастељон.
За време на протестите биле забележани и блокади на сообраќајници, а демонстрантите палеле гуми во близина на пазарните центри Меркабарна и Меркамадрид. По употребата на бибер-спреј од страна на полицијата, најмалку 13 лица побарале медицинска помош.
Ова е прв генерален штрајк во Шпанија во последните 14 години, а одбележан бил со масовно учество и судири на повеќе локации.
Србинка од Барселона: „Бевме заклучени во бутик“
Новосаѓанката А.Т., која со години живее и работи во Барселона, за „Блиц“ раскажала дека се нашла во близина на еден од најпрометните делови на градот за време на судирите меѓу демонстрантите и полицијата.
Таа објаснила дека луѓето кои во тој момент се наоѓале на улицата морале да влезат во најблиската продавница за да се засолнат.
„Нè заклучија во бутикот, а надвор се слушаа детонации. Демонстрантите фрлаа петарди, а полицијата реагираше. Низ градот луѓето бараа засолниште во угостителски објекти и продавници. Завладеа хаос“, изјавила таа.

Синдикатите тврдат дека прекинот на работата достигнал 90 проценти
Синдикатите CCOO и UGT, кои го организирале штрајкот со поддршка на други здруженија, соопштиле дека одѕивот во првите работни смени бил масовен. Според нивните податоци, во одредени сектори прекинот на работата достигнал дури 90 проценти.
Податоците што ги објавиле синдикатите покажуваат дека штрајкот опфатил:
- 90 проценти од вработените во автомобилската индустрија и пристаништата;
- 85 проценти во месната индустрија;
- 82 проценти во секторот за собирање отпад;
- 75 проценти во енергетскиот сектор.
Синдикалните организации ја обвиниле полицијата за прекумерна употреба на сила, како и за попречување на работата на информативните штрајкувачки пунктови.
Генералниот секретар на синдикатот CCOO, Унаи Сордо, изјавил дека штрајкот не е поврзан со претстојните парламентарни избори, туку со долгогодишниот проблем со недостапноста на становите. Тој посебно ја посочил тешката положба на младите луѓе кои, и покрај тоа што имаат работа, не можат финансиски да си дозволат самостоен живот.
Според Сордо, за да се одговори на станбената криза во земјата, потребни се најмалку милион и пол станови со регулирани, односно заштитени цени.
Штрајкот започнал по иселувањето на 87-годишна жена

Повод за покренување на генералниот штрајк било иселувањето на 87-годишната Марикармен Абаскал, која во септември била исфрлена од својот дом, а починала пред еден месец.
Одржувањето на штрајкот предизвикало и политички поделби во Шпанија. Претставниците на владејачките структури и левичарските партии ги поддржале протестите, додека опозициските Народна партија (ПП) и Вокс, заедно со работодавачите, ја критикувале нивната организација, оценувајќи дека зад нив стои политичка и изборна позадина.
Штрајкот се одржува 18 дена пред парламентарните избори, кои се закажани за 29 ноември.










