ПРВ.мк
Свет

НОВА ЗАКАНА НА ХОРИЗОНТОТ? Светска здравствена организација предупредува: Можно пренесување на хантавирус од човек на човек!

НОВА ЗАКАНА НА ХОРИЗОНТОТ? Светска здравствена организација предупредува: Можно пренесување на хантавирус од човек на човек!

По драматичните случувања на крузерот MV Hondius во Атлантскиот Океан, Светска здравствена организација излезе со нова проценка која отвора сериозни прашања за начинот на ширење на хантавирус.

Според епидемиологот Марија Ван Керхове, постои реална можност вирусот да се пренесува и од човек на човек, но само при многу близок контакт. Таа посочува дека првиот заразен патник најверојатно се инфицирал уште пред да се качи на бродот.

Ситуацијата дополнително загрижува бидејќи веќе се потврдени трагични последици. Тројца патници го загубија животот, меѓу кои и еден државјанин на Германија, додека кај дел од нив инфекцијата е лабораториски потврдена. Вкупно седум случаи – потврдени или сомнителни – се евидентирани досега.

Еден пациент со тешка клиничка слика се лекува на интензивна нега во Јужна Африка, додека уште неколку лица со поблаги симптоми сè уште се наоѓаат на самиот брод.

Околу 150 патници, главно од Обединетото Кралство, САД и Шпанија, се во неизвесност додека бродот е закотвен кај Капо Верде. Локалните власти првично не дозволија симнување на копно, но се очекува пловилото да се упати кон Канарски Острови, каде ќе биде дозволено пристанување.

Целта, како што објаснуваат од СЗО, е детална истрага на случајот, целосна дезинфекција на бродот и проценка на ризикот за останатите патници.

И покрај драмата, од Светска здравствена организација нагласуваат дека ризикот за пошироката јавност останува низок. Вообичаено, хантавирусот се пренесува преку глодари – најчесто преку вдишување честички од нивниот измет или урина.

Експертите потсетуваат дека преносот од човек на човек е редок, но не и невозможен – што ја прави оваа ситуација внимателно следена на глобално ниво.

Инаку, крузерот MV Hondius ја започнал својата експедиција од Ушуаја во Аргентина, како дел од природонаучна тура кон Антарктикот, посетувајќи некои од најоддалечените делови на планетата, вклучително и острови во јужниот Атлантик.