ПРВ.мк
Македонија

Огнената стихија не попушта – сите расположливи сили во битка со пожарот кај Кавадарци

Огнената стихија не попушта – сите расположливи сили во битка со пожарот кај Кавадарци

Пожарот во кавадаречкиот регион и натаму е активен, а надлежните најавуваат дека гаснењето ќе продолжи и во текот на ноќта, бидејќи огнената стихија сè уште не е ставена под целосна контрола.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека во моментов не е можно пожарот целосно да биде локализиран. Според него, огнот зафатил претежно нискостеблеста вегетација, а силните пламени јазици што повремено се појавуваат се резултат на согорување на голем број ниски смреки.

Тој посочи дека пожарникарите од Кавадарци ќе останат на терен и во текот на ноќта со цел да се спречи понатамошното ширење на пожарот.

На местото на интервенцијата е и директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, кој заедно со Ангелов ги координира активностите. Тој повторно упати апел до граѓаните да бидат крајно внимателни и да избегнуваат какви било активности што би можеле да предизвикаат нови пожари, особено поради високите температури и ветерот.

Во акцијата активно учествува и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој информираше дека на терен се ангажирани четири пинцгауери, два унимога, камион на Шумското стопанство, два теренски џипа, два авиона на Дирекцијата за заштита и спасување, како и два хеликоптери на Министерството за внатрешни работи и Армијата.

Надлежните институции соопштуваат дека состојбата постојано се следи и дека интервенцијата ќе продолжи сè додека пожарот не биде целосно локализиран.