Министерството за внатрешни работи официјално потврди дека системот „Безбеден град“ („Сејф сити“) се одложува за еден месец. Наместо од 1 јануари, како што беше првично најавено, автоматското регистрирање сообраќајни прекршоци и испраќањето казни ќе започне од 1 февруари 2026 година.
Според МВР, системот ќе биде активиран најпрво во Скопје, Тетово, Куманово, како и долж коридорите 8 и 10.
Зошто доаѓа до одложување?
„360 степени“ објави дека тест-периодот открил низа недоследности во работата на камерите. Од МВР велат дека е потребно дополнително калибрирање и тестирање за системот да функционира беспрекорно.
Во моментов граѓаните добиваат само опомени преку СМС, а не казни.
Можно и воведување толеранција во брзината
Од МВР најавуваат дека се разгледува можноста да се воведе толеранција од 2–3 километри на час, односно да не се казнува возење 52 или 53 km/h во зона од 50.
Останува да се види дали ова ќе стане официјална политика до стартот на системот.
















