Вистински хаос утрово ја погоди општината Пожега во Србија, откако во раните часови избувна пожар во трансформаторска станица во местото Пријановиќи. Објектот снабдува значителен дел од регионот со електрична енергија, а пожарот предизвика масовен прекин на струја што остави илјадници жители во целосен мрак.
Според сведочењата од терен, истовремено со исчезнувањето на струјата, престанаа да функционираат и интернет-услугите, додека мобилниот сигнал се појавува и исчезнува без никаква стабилност.
„Сè престана да работи во ист момент. Сигналот на телефоните се губи, интернет нема, буквално сме отсечени“, изјави еден жител за локалните медиуми, опишувајќи ја ситуацијата како хаотична.
Екипите на ЕПС веднаш интервенираа и се обидуваат да го локализираат проблемот и да го обноват снабдувањето со електрична енергија. Засега не е познато кога точно ќе биде нормализирана мрежата, но надлежните предупредуваат дека процесот може да потрае неколку часа.
Граѓаните се повикуваат на трпение додека службите работат на терен со цел целосно отстранување на дефектот и враќање на нормалното функционирање во погодените населени места.
















