Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Соединетите Американски Држави ја притискаат Украина да се повлече од преостанатите делови на Донбас што се под украинска контрола и тие да бидат претворени во т.н. слободна економска или демилитаризирана зона.
Според него, Вашингтон во првичниот мировен план предлагал Украина целосно да го отстапи Донбас, додека новата варијанта подразбира украинското повлекување, а руските сили да не напредуваат понатаму – нешто за што Зеленски вели дека нема јасни гаранции.
„Ако трупите на една страна мора да се повлечат, а другата остане таму каде што е – што ќе ги спречи Русите да ја преземат зоната? Или да влезат како цивили? Сето ова е многу сериозно“, изјави Зеленски, нагласувајќи дека Украина нема да прифати решение што не е фер.
Тој потенцира дека САД сè уште немаат одговор кој би управувал со зоната што ја предлагаат.
Од европска страна, германскиот канцелар Фридрих Мерц соопшти дека најновиот мировен нацрт-план веќе му е презентиран на американскиот претседател Доналд Трамп, но истакна дека територијалните прашања мора да ги решаваат исклучиво украинските институции.
„Му го разјаснивме ова на претседателот Трамп“, рече Мерц.
Зеленски посочи дека мировниот план постојано се менува и дека процесот сè уште е во тек.
Истовремено, тој е под засилен притисок од Трамп да го потпише американскиот план. Во последните денови, Трамп јавно го критикуваше Зеленски, тврдејќи дека „не го прочитал“ планот и дека треба да се одржат избори во Украина.
















