Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска треба да ги утврди новите максимални малопродажни цени на горивата, а движењата на меѓународните пазари укажуваат на ново, но ограничено поскапување на дизелот.
Иако суровата нафта утрово бележи пад на цената, при што Брент се спушти на околу 107,5 долари за барел, за формирањето на домашната цена на дизелот поважно е движењето на цената на готовиот рафиниран производ на медитеранскиот пазар.
Референтниот медитерански дизел ULSD 10 ppm во текот на минатата недела се тргуваше по високи цени. Во првата половина од неделата котацијата се движеше околу 1.490 долари за тон, а до петок се намали на приближно 1.450 долари за тон. Сепак, просечната цена за целата недела останува повисока од онаа врз основа на која беше формирана актуелната цена на горивото.
Доколку Владата ги задржи постојните мерки, односно ДДВ од 10 проценти за дизелот и намалената акциза, пазарните движења не упатуваат на голем скок, туку на поскапување од околу 0,50 до 1,50 денари за литар.
Според овие процени, најреално е Еуродизелот од сегашните 97 денари да поскапи на околу 98 денари за литар. Сепак, конечната цена ќе зависи од пресметката на РКЕ, која ги зема предвид просечната котација на дизелот на медитеранскиот пазар и курсот на доларот.
Кај бензините не се очекува поголема промена
За разлика од дизелот, бензините би можеле да ја задржат сегашната цена, а можна е и мала корекција надолу.
Дополнителен притисок врз цените во надолна насока создаваат најавите за зголемување на руските испораки и олеснувањето на дел од американските санкции. Сепак, светскиот пазар на дизел и натаму се соочува со ограничена понуда поради ниските резерви, проблемите во рафинериското производство и високите транспортни трошоци.
Конечните максимални цени на горивата ќе бидат познати по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика. Дотогаш, најавеното поскапување на дизелот останува процена врз основа на движењата на меѓународните пазари.







