ПРВ.мк
Црна Хроника

ГОЛЕМА ТРАГЕДИЈА: Глисер се судри со грчката крајбрежна стража, меѓу шесте загинати и едно бебе!

ГОЛЕМА ТРАГЕДИЈА: Глисер се судри со грчката крајбрежна стража, меѓу шесте загинати и едно бебе!

Шест лица, меѓу кои и едно бебе, го загубија животот во тешка поморска несреќа што се случила рано утринава во близина на грчкиот остров Лезбос. Глисер со мигранти кои пристигнувале од Турција се судрил со пловило на грчката крајбрежна стража, по што се превртел. Грчката влада го потврди бројот на загинатите и најави политика на нулта толеранција кон криумчарите на луѓе, пренесува „Ројтерс“.

Несреќата се случила на околу 3,5 наутички милји од брегот на Лезбос. Според информациите од грчката крајбрежна стража, спасувачките екипи од морето ги извлекле телата на четворица мажи, една жена и едно дете.

Осум лица ја преживеале несреќата и биле пренесени во болница за да им биде укажана медицинска помош. Меѓу преживеаните е и 37-годишен турски државјанин, кој е уапсен под сомнение дека го управувал глисерот и го организирал транспортот на мигрантите.

Истрагата треба да ги открие точните околности на судирот

Грчкиот министер за поморски прашања, Василис Кикилиас, одговорноста за несреќата ја префрли врз криумчарите на луѓе. Според првичните информации, предниот дел на глисерот најверојатно удрил во левата страна на пловилото на крајбрежната стража. Сепак, точните околности под кои дошло до судирот сè уште се утврдуваат.

Кикилиас се огласи и на социјалната мрежа „Икс“, каде што ја повтори цврстата позиција на грчките власти кон организаторите на нелегалниот транспорт на мигранти.

„Нашиот став е јасен – нулта толеранција за криумчарите“, порача грчкиот министер.

Грција со години е една од главните рути за мигрантите кон Европа

Грција веќе подолг период претставува една од главните влезни точки во Европската Унија за мигрантите и бегалците кои пристигнуваат од Блискиот Исток, Африка и Азија.

Земјата беше во центарот на европската мигрантска криза во 2015 и 2016 година, кога на грчките острови пристигнаа речиси еден милион луѓе, главно преку Турција.