Ученик од седмо одделение од Бистрица во Романија во понеделникот наутро со нож ги нападна наставничката и уште еден ученик. Полицијата го совлада и го приведе, а двајцата повредени беа згрижени од екипите на Окружната служба за итна помош, кои им укажаа медицинска помош, пишува романскиот портал Digi24.ro.
Локалните медиуми пишуваат дека осомничениот напаѓач објавил видео на ТикТок непосредно пред нападот.
Нападот се случи во Основното училиште број 6 „Штефан чел Маре“ во Бистрица. Управата на Основното училиште „Штефан чел Маре“ во Бистрица одлучи денеска да ја прекинат наставата.
„За случајот е известено Обвинителството при Судот во округот Бистрица-Насауд поради сомневање за обид за тешко убиство“, соопшти Полициската инспекција на округот Бистрица-Насауд.
Повредени 12-годишно момче и млада наставничка
Повредената наставничка има 28 години, додека ученикот кој се обидел да ѝ помогне и притоа исто така бил повреден има 12 години.
„Денеска во Клиничката ургентна болница во Бистрица беа примени жена на возраст од 28 години и малолетник на возраст од 12 години, со повреди настанати од напад во една образовна установа на подрачјето на градот Бистрица“, соопштија претставниците на болницата.
Како што наведоа, двајцата пациенти се свесни и стабилни, но исплашени, и во моментот се наоѓаат на медицински прегледи во ургентниот центар СМУРД, односно во педијатриската ургентна служба.
Напаѓачот е 13-годишник
Според пишувањето на порталот Bistricheanul.ro, напаѓачот е тринаесетгодишен ученик.
Момчето, идентификувано со иницијалите А.О.Т., наводно барало ученик од шесто одделение кој имало намера да го нападне со нож.
„Немаат поим колку сум опасен“
А.О.Т. утрото дошол во училиштето како и обично, неколку минути пред осум часот. Сепак, не заминал во училницата, туку останал во тоалетот. По почетокот на часот ставил фантомка и кацига на главата, зел нож и објавил видео на ТикТок.
„Ова го подготвував осум месеци! Се гледаме во Валхала! Ќе го направам тоа! Немаат поим колку сум опасен!“ – порача тој во видеото и во објавите на приказните (stories).
(Валхала, според нордиската митологија, е сала во која престојуваат воините кои загинале во борба).
Потропал на вратата, па се фрлил врз наставничката
Според пишувањето на порталот Bistricheanul.ro, ученикот влегол во училиштето со скакавец во раката и со мотоциклистичка кацига на главата, а потоа со нож ја нападнал наставничката по математика која им држела час на учениците од шесто одделение.
Еден ученик дотрчал да ѝ помогне на наставничката и притоа самиот бил повреден.
Според изјавата на една ученичка од шесто одделение која во тој час била на наставата по математика, напаѓачот потропал на вратата, а кога наставничката ја отворила, се фрлил врз неа. Некои ученици во тој момент истрчале надвор од училницата.
Според наводите на полицијата, ученикот е совладан и приведен, пренесува News.ro.
Итните служби на лице место
Двајцата повредени беа згрижени од екипите на Окружната служба за итна помош, кои им укажуваат медицинска помош. На местото на нападот интервенираат припадници на Одделот за јавен ред и Одделот за криминалистички истраги при Полициската управа Бистрица, како и полицајци од Одделот за безбедност во училиштата и Специјалната единица за интервенции.
Полицијата ги утврдува сите околности под кои се случил нападот.
Претставниците на Инспекторатот за вонредни ситуации на округот Бистрица-Насауд соопштија дека екипите на итната помош ги превезле двајцата повредени во ургентниот центар СМУРД во Бистрица, каде што ќе бидат подложени на прегледи и ќе добијат соодветна медицинска помош.
Децата имале напади на паника
Покрај тоа, неколку ученици претрпеле напади на паника и биле видно вознемирени, поради што на местото на настанот дополнително било упатено специјално возило за транспорт на персонал и поголем број повредени.
Во интервенцијата учествуваа екипа на СМУРД за давање прва помош, мобилна екипа на СМУРД за интензивна нега, екипа на Окружната служба за итна помош со лекар и специјално возило за транспорт на персонал и поголем број повредени.






