Утрово во неколку училишта во Белград пристигнале заканувачки пораки за наводно поставени бомби, а слични пријави биле регистрирани и во други делови на Србија. Според неофицијални информации што ги објави „Блиц“, дојави имало и во училишта во Нови Сад и Бачка Паланка.
Полицијата во Белград била известена за заканите околу 9:30 часот, откако на различни адреси биле испратени електронски пораки во кои се тврдело дека во училиштата низ главниот град се поставени експлозивни направи.
Постапувајќи според утврдените безбедносни процедури, надлежните итно ги евакуирале децата од училиштата во кои биле пријавени заканите.
На терен биле испратени антидиверзантски екипи на Министерството за внатрешни работи на Србија, кои вршат проверки за да утврдат дали во објектите навистина има опасни направи.
Според првичните неофицијални информации, пријавите не се однесуваат само на Белград, туку и на училишта во Нови Сад и Бачка Паланка. Засега нема потврдени информации за евентуално пронајдени експлозивни направи, а проверките на надлежните служби се во тек.







