ПРВ.мк
Македонија

ДРАМАТИЧНО СПАСУВАЊЕ НА ЈАКУПИЦА: Мече заробено во нелегална сајла, во близина била и неговата мајка!

ДРАМАТИЧНО СПАСУВАЊЕ НА ЈАКУПИЦА: Мече заробено во нелегална сајла, во близина била и неговата мајка!

Мече кое било заробено во нелегално поставена примка на планината Јакупица, во Велешко, е спасено во координирана акција на повеќе надлежни служби и организации. Животното го забележале ловџии од Ловечкото друштво „Руен“ од Велес, откако слушнале силно рикање кое ги одвело до местото каде што било заробено.

Настанот се случил вчеравечер, а благодарение на брзата реакција и координацијата меѓу надлежните, мечето било ослободено од металната сајла и вратено во природата.

Еден од ловџиите кои го пронашле животното раскажал дека тие биле на лов кога го слушнале силниот звук што доаѓал од шумата.

„Бевме на лов кога слушнавме рикање на мечка. Тоа беше силен лелек. По звукот го пронајдовме мечето. Беше агресивно од болка, но бараше спас од нас. Со мили очи гледаше да го спасиме, ама не дозволуваше да се приближиме. Во близина беше и неговата мајка, која гледаше што се случува. Веднаш пријавивме во ловното друштво“, раскажал ловџијата.

Откако сфатиле дека животното е заробено и дека не можат безбедно сами да го ослободат, ловџиите веднаш го пријавиле случајот, по што била организирана акција за негово спасување.

Во акцијата учествувале инспектори, полицајци и ветеринар од Зоолошката градина

Во координираната интервенција учествувале двајца инспектори од Државниот инспекторат за животна средина, членови на Ловечкото друштво „Руен“, претставници на Македонското еколошко друштво (МЕД), полициски службеници од СВР Велес и ветеринар од Зоолошката градина во Скопје.

За успешното спасување информираше Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), од каде што соопштија дека мечето било пронајдено заробено во нелегално поставена примка, односно сајла.

„Спасено е мече на планината Јакупица, кое било фатено во примка. Пронајдена е кафеава мечка фатена во нелегално поставена примка (сајла) на локацијата Чеплес, на 1,5 км од Рибник Нежилово, во Велешко. Мечето беше успиено, беше извршен преглед, а примката (сајлата) беше отстранета од стручно лице ветеринар од Зоолошка градина Скопје, по што мечето беше пуштено во природа, откако не беа констатирани видливи повреди кај младото животно“, информираа од ДИЖС.

Пред да биде ослободено, животното било успиено за да може безбедно да му се пристапи и да се отстрани замката. Ветеринарот извршил преглед, при што не биле забележани видливи повреди. Откако сајлата била отстранета и било утврдено дека животното може да биде вратено во природата, мечето било пуштено на слобода.

Мечето има околу три години и тежи 70 килограми

При прегледот било утврдено дека станува збор за мажјак од видот кафеава мечка, стар приближно три години и тежок околу 70 килограми.

Животното било пронајдено на локалитетот Чеплес, на планината Јакупица, на оддалеченост од околу 1,5 километри од Рибник Нежилово, во Велешко. Според сведоштвото на ловџиите, во близина се наоѓала и неговата мајка, која го набљудувала настанот.

Случајот повторно го отвора прашањето за опасностите од нелегално поставените замки во природата, кои можат да предизвикаат сериозни повреди или да бидат фатални за дивите животни.

Поставувањето примки е кривично дело, полицијата ја запленила сајлата

Примката претставува јамка направена од жица, ортома или конец, која се затегнува околу вратот или ногата на животното кога тоа ќе помине низ неа. Нејзиното користење е кривично дело во Македонија.

За случајот бил известен и јавен обвинител од Велес. По негови насоки, полицијата ја запленила сајлата што била употребена како замка, со цел таа да биде предмет на понатамошно вештачење и да се обезбедат докази за поведување кривична постапка согласно Кривичниот законик.

Надлежните институции продолжуваат со постапувањето по случајот, кој заврши со спасување на мечето, но и со истрага за незаконски поставената примка во природата.