Најниската пензија во Македонија пред десет години изнесувала само 7.783 денари, покажуваат податоците на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување. Денес минималната пензија е значително повисока и се приближува до износот на минималната плата.
Податоците за пензиите за септември 2026 година сè уште не се објавени, но доколку се земе предвид дека најниската пензија во август изнесувала 20.888 денари, по септемвриското усогласување од 3 проценти таа достигнува околу 21.515 денари.
Според анализата на „Пари“, промената е значителна и кај просечните и кај највисоките пензии.
Во септември 2016 година просечната пензија изнесувала 13.106 денари, додека денес е 28.891 денар.
Кај највисоката пензија, во септември пред десет години износот бил 38.394 денари. Со септемвриското усогласување во 2026 година, таа се проценува на околу 97.162 денари.
Според податоците од анализата, минималната пензија за десет години се зголемила за 13.372 денари, односно за 176,4 проценти. Просечната пензија во истиот период пораснала за 120,4 проценти, додека највисоката пензија бележи раст од 153,1 процент.
Во меѓувреме, се зголемил и бројот на пензионери. Во споредба со пред една деценија, нивниот број е поголем за 46.651 лице, што претставува раст од 15,4 проценти.
Се намалува разликата меѓу најниската и највисоката пензија
Значајни промени во висината на пензиите се случија со линеарните зголемувања од вкупно 7.000 денари, спроведени во периодот од март 2024 до март 2026 година.
Целта на линеарното зголемување беше дополнително да се подобри материјалната состојба на пензионерите со најниски примања. Таквото зголемување беше дел и од изборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ, при што првично беше најавуван износ од 5.000 денари, кој подоцна беше зголемен во услови на инфлација и со образложение дека треба да се обезбеди дополнителна заштита за најранливите категории пензионери.
Во периодот на линеарните зголемувања беа направени и законски измени со кои редовните законски усогласувања останаа одделени од овие дополнителни корекции.
Редовното усогласување на пензиите се врши двапати годишно, во март и во септември. При тоа се применува формула според која 50 проценти се поврзани со растот на просечната нето-плата, а 50 проценти со инфлацијата, односно со движењето на трошоците во соодветниот период.
Линеарното зголемување им донесе поголем номинален раст на корисниците со пониски пензии, додека пензионерите со повисоки примања добија помал дополнителен износ во споредба со сценарио во кое целото зголемување би се пресметувало според законската формула.
Како резултат на различните корекции, разликата меѓу најниската и највисоката пензија е намалена. Во 2016 година највисоката пензија била 4,93 пати поголема од најниската, додека сега разликата е 4,52 пати.
Каков е односот меѓу пензиите и просечната плата?
Податоците покажуваат и како се променил односот меѓу просечната пензија и просечната плата.
Во јули 2016 година просечната нето-плата изнесувала 22.334 денари, додека просечната пензија била 13.103 денари.
Десет години подоцна, во јули 2026 година, просечната плата достигнала 48.499 денари, а просечната пензија изнесувала 28.046 денари.
Тоа значи дека во јули 2016 година просечната плата била околу 1,70 пати повисока од просечната пензија. Во јули 2026 година односот бил сличен, односно просечната плата била 1,73 пати повисока од просечната пензија.
Промени има и кај минималната плата. Од март 2026 година таа изнесува 26.047 денари. За споредба, во 2016 година минималната плата била 10.080 денари, додека во кожарската и текстилната индустрија изнесувала 9.000 денари.
Ако се споредат минималните пензии и минималните плати, во 2016 година најниската пензија од 7.783 денари претставувала 77,21 процент од минималната плата. Во однос на минималната плата за работниците во текстилната и кожарската индустрија, уделот бил 86,48 проценти.
Денес минималната пензија од околу 21.515 денари претставува 82,60 проценти од минималната плата од 26.047 денари.
Покрај редовните законски усогласувања, од 2016 година до денес имало и шест паушални, односно линеарни зголемувања на пензиите.
Последните четири линеарни зголемувања заедно изнесувале 7.000 денари. Дополнителни линеарни зголемувања имало и во 2016 година, кога пензиите биле зголемени за 650 денари, како и во 2020 година, кога зголемувањето изнесувало 720 денари.
Промени во истиот период имало и кај минималната плата. Во 2017 година таа била политички коригирана од 10.080 на 12.000 денари. Во 2020 година следувало уште едно позначително зголемување, од 12.507 на 14.500 денари.
И минималната плата, покрај ваквите дополнителни корекции, има редовен законски механизам за усогласување.





