ПРВ.мк
Македонија

Нови детали за приведениот обвинител: Ургирал во најмалку четири предмети, барал поблаги казни

Нови детали за приведениот обвинител: Ургирал во најмалку четири предмети, барал поблаги казни

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе постапка против виш јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола, поради сомнение за примање награда за противзаконито влијание.

Според Обвинителството, преку примена на посебни истражни мерки биле обезбедени докази кои упатуваат на основано сомнение дека обвинителот ја користел својата службена положба и влијание за да интервенира кај свои колеги обвинители и судии.

Истрагата досега опфаќа најмалку четири различни кривични предмети.

Осомничениот, според наводите на Обвинителството, ургирал за изрекување пониски казни или за обезбедување поповолна положба на осомничени и обвинети лица во постапките.

Во текот на вчерашниот ден, врз основа на судска наредба, биле извршени претреси во домот на осомничениот, како и во службените простории на Вишото јавно обвинителство во Битола.

Целта на претресите била обезбедување дополнителни докази кои би можеле да бидат значајни за натамошниот тек на постапката.

Надлежниот обвинител доставил и предлог до судија на претходна постапка за определување мерки на претпазливост.

Меѓу предложените мерки се одземање на патната исправа на осомничениот, како и забрана за вршење определени работни активности, односно негово времено отстранување од работното место додека трае постапката.

Истрагата продолжува, а од Обвинителството засега официјално не го соопштуваат идентитетот на осомничениот обвинител.