Бројот на регистрирани случаи на сипаници кај овци и кози во Македонија продолжува да расте, откако се потврдени уште 10 нови жаришта на болеста во повеќе населени места низ државата.
Со новите регистрации, вкупниот број на жаришта од почетокот на годината се искачи на 17, а погодени се повеќе од 2.700 приемчиви животни. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информираат дека новите случаи се откриени во Саса кај Македонска Каменица, Соколарци во општина Чешиново–Облешево, Бигла и Косевица кај Делчево, Малино во Свети Николе, Сопот во Куманово, како и во селото Цера.
Од надлежната институција уверуваат дека нема место за паника кај граѓаните, бидејќи болеста која ги зафаќа овците и козите не се пренесува на луѓето. Сепак, таа може да предизвика сериозни последици за сточарството и да нанесе големи загуби кај одгледувачите.
„Сите мерки што се преземаат имаат цел да се спречи понатамошното ширење на заразата и да се заштити сточниот фонд“, велат од АХВ.
Досега се извршена депопулација, односно отстранување на повеќе од 1.400 заразени и ризични животни, а постапката ќе продолжи и во новите жаришта откако ќе бидат обезбедени соодветни услови за нивно безбедно отстранување. Последно била спроведена депопулација и на заразено одгледувалиште во селото Сопот, Кумановско.
За спречување на ширењето на болеста, АХВ воведе низа ограничувачки мерки. Во заштитните зони е забрането движење и транспорт на овци и кози, освен во посебно одобрени случаи кога животните се упатуваат на колење во контролирани услови.
Дополнително, на целата територија на државата е забранета работа на добиточните пазари за овци и кози, како и организирање изложби и други настани каде што би можело да дојде до контакт меѓу животните.
Од Агенцијата апелираат сопствениците веднаш да пријават секој сомнителен случај на заболување или угинување на животни. Пријавувањето мора да се направи во рок од 24 часа до надлежното ветеринарно друштво или официјален ветеринар.
Сточарите се задолжени и за спроведување строги биосигурносни мерки, меѓу кои ограничување на движењето на лица и возила околу фармите, редовна дезинфекција, користење заштитна опрема и водење детална евиденција за сите влегувања и излегувања.
АХВ дополнително информира дека суровото млеко и производите направени од овчо и козјо млеко од заштитените подрачја можат да се пуштаат во продажба само доколку претходно поминат соодветен термички третман, односно пастеризација.
Во меѓувреме, експертска група работи на анализа на состојбата и разгледува можност за воведување вакцинација како дополнителна мерка за контрола на болеста.
Првото жариште оваа година беше потврдено кон крајот на јануари во селото Лопате, а оттогаш болеста се прошири во повеќе општини во источниот и североисточниот дел на земјата. Надлежните повторно ги повикуваат сточарите строго да ги почитуваат мерките за да се спречи понатамошно ширење на заразата.








