Необична и ретка природна појава ги вознемири туристите и жителите долж хрватското крајбрежје, откако по силно невреме морето нагло го промени нивото – прво се излеа кон брегот, а потоа мистериозно се повлече оставајќи дел од пловилата на суво.
По невремето проследено со силни грмотевици, град и силни ветрови, на повеќе места на северниот и централниот дел од Јадранот бил забележан редок феномен познат како метеоцунами.
Бурниот систем кој го предизвикал нарушувањето се формирал над северниот дел на Италија, каде што во некои области паѓал крупен град со дијаметар до осум сантиметри. Потоа невремето се префрлило кон Јадранското Море, зафаќајќи повеќе крајбрежни региони, меѓу кои и подрачјето околу Задар.
Во Задар службите имале повеќе интервенции поради паднати дрвја и материјални штети предизвикани од силното невреме. Во близина на брегот била забележана и превртена едрилица.
Најголемо изненадување предизвикале наглите промени на нивото на морето. Во Пула и Задар, водата најпрво се излеала на крајбрежните делови, а потоа за кратко време значително се повлекла.
Особено необична била ситуацијата во Стари Град на островот Хвар, каде што околу 23 часот морето прво се подигнало за повеќе од 30 сантиметри, а потоа нагло се повлекло околу 60 сантиметри под нормалното ниво. Поради тоа, некои чамци останале насукани на морското дно додека траело повлекувањето на водата.
Очевидци за хрватските медиуми раскажале дека луѓето на крајбрежјето биле целосно изненадени од ненадејната промена. Според нивните сведоштва, на одредени места водата за кратко време стигнала високо на брегот, по што следувала силна осека која ги оставила пловилата без доволно вода.
Метеоролозите објаснуваат дека метеоцунамито не е предизвикано од подводни земјотреси, туку од нагли промени на атмосферскиот притисок кои се случуваат за време на моќни бури.
Овие промени можат да создадат осцилации на морското ниво, особено во плитки и издолжени заливи каде што ефектот дополнително се засилува.
Иако станува збор за релативно редок феномен, експертите предупредуваат дека метеоцунамите можат да бидат опасни бидејќи предизвикуваат и ненадејно навлегување на морето кон брегот, но и брзо повлекување на водата што може да претставува ризик за капачите и сопствениците на пловила.










