Димот од повеќе од 830 шумски пожари во Канада се прошири во делови од Соединетите Американски Држави, вклучувајќи го и Њујорк, каде што квалитетот на воздухот достигна нездрави нивоа, а предупредувањата за загаденост на воздухот се на сила од Минесота до сојузната држава Њујорк.
Најголемите пожари во моментов горат во западно-централниот дел на Онтарио, а ветровите пренесуваат големи количества дим кон североистокот и средниот заед на САД, пренесе АБЦ (ABC).
Во Њујорк вчера беше забележана портокалова магла, а властите предупредуваат дека лошиот квалитет на воздухот би можел да потрае и во текот на денешниот ден.
На социјалните мрежи се појави видеоснимка од товарен воз опкружен со пламен од шумските пожари.
– „Ова би можело да нè стигне во секој момент. Ситуацијата стана малку застрашувачка“, изјави еден член на екипажот.
Мамдани: „Избегнувајте престој на отворено“
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, ги повика граѓаните да го ограничат престојот на отворено, особено лицата со срцеви и белодробни заболувања, постарите, бремените жени и децата, наведувајќи дека градот дели заштитни маски.
Метеоролозите очекуваат дека густиот дим во текот на наредните денови ќе се прошири од областа на Големите Езера кон североисточниот дел на земјата, зафаќајќи градови како Бафало, Бостон, Филаделфија, Кливленд, Колумбус, Балтимор и Вашингтон.
Голем дел од САД е зафатен и од топлотен бран.
Температури и до 40 степени
Температурите на источниот брег се движат до околу 38 степени Целзиусови.
Во јужна Калифорнија на сила се предупредувања за екстремни горештини, а температурите во некои области надминуваат 40 степени Целзиусови.
Во Тексас продолжуваат обилните врнежи и опасноста од поројни поплави, откако во некои делови од државата во текот на неделата паднаа меѓу 15 и 40 сантиметри дожд.
Во близина на Сан Антонио вчера беше забележано и торнадо, но засега нема извештаи за поголема штета.









