Вистинска драма се одвивала на реката Треска, откако тројца млади – двајца 15-годишници и еден 18-годишник – биле повлечени од силниот воден тек по ненадејното зголемување на нивото на реката.
Според информациите, инцидентот бил пријавен вчера преку единствениот број за итни повици 112. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека младите во тој момент се капеле во реката, кога поради зголемен испуст на вода од браната „Матка“ за производство на електрична енергија, нивото на Треска нагло се покачило.
Еден од малолетниците бил извлечен од водата веднаш по инцидентот, додека останатите двајца биле пронајдени нешто подолу по течението на реката, благодарение на брзата и координирана спасувачка акција.
За среќа, сите тројца биле спасени живи и, според првичните информации, не се здобиле со видливи повреди. Брзата реакција на службите спречила настанот да прерасне во трагедија.
По добиената пријава, Центарот за управување со кризи ја координирал интервенцијата во која учествувале припадници на полицијата, противпожарните единици, Итната медицинска помош, надлежните институции, како и жители на Општина Сарај, кои помогнале во потрагата и спасувањето на младите.







