ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМА ЦАРИНСКА АКЦИЈА НА ГРАНИЦА: Спречен обид за шверц на 2.000 медицински вијали скриени во камион!

ГОЛЕМА ЦАРИНСКА АКЦИЈА НА ГРАНИЦА: Спречен обид за шверц на 2.000 медицински вијали скриени во камион!

Царинските службеници спречија обид за нелегален пренос на голема количина медицински препарат, откако при детална контрола на товарно возило биле пронајдени илјадници вијали скриени во кабината.

Како што информираат од Царинската управа, мобилен тим од Одделението за оперативни работи открил 2.000 парчиња вијали со медицински раствор „Гадонанс“, кои биле сокриени од страна на возач – косовски државјанин, со намера да бидат внесени без потребните дозволи.

Возилото било запрено за контрола на граничниот премин Деве Баир. Станувало збор за камион кој превезувал алуминиумски профили на релација Турција – Косово.

На прашањето дали има нешто дополнително за пријавување, освен декларираната стока, возачот одговорил дека нема. Сепак, поради сомневање, царинските службеници извршиле детална проверка на возилото.

При контролата биле пронајдени вкупно 2.000 вијали, спакувани во папки и кеси, без оригинално пакување и во рефусна состојба. Препаратите биле сокриени на повеќе места во кабината – во горниот кревет на возилото, во фабричка шуплина, во просторот над возачкото седиште, како и во личниот багаж на возачот.

Од Царинската управа посочуваат дека ваквите медицински препарати подлежат на строги правила за увоз, транспорт и складирање, бидејќи станува збор за производи кои се користат во медицински процедури.

„Гадонанс 7,5 мл“ е раствор кој се применува интравенски при снимање со магнетна резонанца и за негов увоз се потребни соодветни дозволи, како и исполнување на пропишани температурни и безбедносни услови.

Од институцијата нагласуваат дека со акцијата е спречено медицински материјал да стигне до пазарот без контрола и потребна документација.

Против возачот, кој бил вработен во косовска транспортна компанија, Одделението за истраги поднело кривична пријава за кривично дело криумчарење.

Царината информира дека во текот на оваа година спречила 13 обиди за криумчарење на лекови и медицински препарати, при што биле запленети вкупно околу 29.000 парчиња различни производи.

Најнови вести