Неочекувана средба со дива мечка ги изненадила туристите кои престојувале во реонот на Националниот парк Галичица, по што надлежните упатија апел за зголемена внимателност кај сите посетители.
Од Националниот парк Галичица информираа дека според добиените информации, мечка била забележана во подрачјето над селото Горно Коњско.
Поради појавата на животното во овој реон, од паркот ги повикаа жителите, планинарите, туристите и сите лица кои се движат или извршуваат активности во природата да бидат внимателни и да ги почитуваат препораките за безбедно однесување.
Надлежните апелираат информацијата да биде споделена и со локалното население, како и со сите кои престојуваат или работат во овој дел од планината, со цел навремено да се избегнат можни непријатни ситуации.
„Ве повикуваме да бидете особено внимателни и да се придржувате кон препораките за безбедно движење во природа“, наведуваат од Националниот парк Галичица.
Посетителите се потсетуваат дека при движење низ природни подрачја каде што има диви животни треба да се однесуваат внимателно, да избегнуваат приближување до животните и да ги следат упатствата на надлежните служби.






