Општина Илинден најави нова социјална услуга што ќе донесе директна помош за семејствата со деца кои имаат развојни предизвици. Локалната самоуправа потпиша меморандум за соработка со Здружението „Мегалогомед глас“, организација која работи на третман и застапување на правата на лицата со попреченост.
Со оваа соработка ќе се воспостави услуга во заедницата што ќе обезбеди индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и деца со попреченост. Целта е стручната помош да биде достапна поблиску до домот на семејствата, без долги листи на чекање и дополнителен финансиски товар.
Новата иницијатива ќе се фокусира на рано откривање на евентуални развојни нарушувања, навремена интервенција и постојано следење на напредокот на децата со атипичен развој. Според надлежните, раната поддршка е клучна за подобрување на комуникациските, когнитивните и социјалните вештини кај децата.
Од Општината потенцираат дека ова е чекор кон поинклузивна заедница и подобар квалитет на живот за најмладите и нивните семејства. Со новата услуга, Илинден се позиционира како една од ретките општини што активно вложуваат во локални решенија за поддршка на децата со посебни потреби.

















