ПРВ.мк
Балкан

МЕДИЦИНСКИ КАНАБИС ИЛИ МЕГА-ШВЕРЦ? Под истрага до 100 тони марихуана, институциите под лупа!

МЕДИЦИНСКИ КАНАБИС ИЛИ МЕГА-ШВЕРЦ? Под истрага до 100 тони марихуана, институциите под лупа!
Kristal

Заплените на марихуана во Македонија и Србија отворија сериозни сомнежи за масовна злоупотреба на лиценците за медицински канабис и можни институционални пропусти во надзорот. Според првичните информации, во рамки на предистрагата се запленети околу 40 тони марихуана, а надлежните неофицијално проценуваат дека вкупната количина може да достигне и до 100 тони.

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција потврди дека постапува по предметот, иако официјална истрага сè уште не е отворена. Се испитуваат кривични дела поврзани со Законот за контрола на опојни дроги, а се сослушуваат сведоци и се прибираат докази. Обвинителството информира дека е воспоставена комуникација со српските правосудни органи, со цел да се утврди евентуална поврзаност меѓу заплените во двете држави и потеклото на дрогата.

Случајот дополнително се усложни по информациите од српското обвинителство, според кои криминална група набавила повеќе од 5 тони марихуана на територијата на Северна Македонија, која потоа била префрлена во Србија за понатамошна продажба. Во таа постапка, како особено индикативна се посочува поврзаноста на еден од осомничените со компанијата „Алфафарм“ од Скопје, регистрирана за производство и преработка на медицински канабис.

Токму овие наводи беа причина македонските истражни органи да влезат во кругот на поранешната фабрика „ОХИС“, каде што, според сомнежите, бил складиран канабис наменет за производство на медицинско масло. Контроли се вршат и во повеќе фирми во Скопје и Струмица кои поседуваат лиценци за одгледување канабис.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Правилникот за одгледување медицински канабис не бил усогласен со Законот, што овозможило производство надвор од медицинските стандарди. Според него, дозволувањето одгледување на отворено и несоодветното складирање не може да резултира со производ што ги исполнува ГМП-стандардите за медицинска употреба и извоз. „Дали тоа било направено намерно или од незнаење – ќе утврди истрагата“, изјави Мицкоски.

Заплените ја разгореа и политичката пресметка меѓу власта и опозицијата. СДСМ ја обвини актуелната власт дека без институционална поддршка ваков обемен шверц не би бил можен, додека ВМРО-ДПМНЕ возврати со обвинувања дека голем дел од запленетата марихуана е поврзана со фирми блиски до поранешната власт.

Во моментов, во државата има 43 компании со дозвола за одгледување канабис за медицински цели, а за четири од нив е започната постапка за одземање на лиценцата. Надзорот го врши Комисија при Министерството за здравство, која најави дека по завршување на тековните контроли ќе објави конкретни информации за утврдените неправилности.

Истрагата е во тек, а јавноста очекува одговор на клучното прашање: дали медицинскиот канабис бил злоупотребен како параван за една од најголемите шверцерски операции со марихуана во регионот.

FixCredit
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo

Најнови вести

Escape
Mia Home Mavrovo
Escape