ПРВ.мк
Македонија

НОВА ИЗМАМА ГИ ТАРГЕТИРА ВОЗАЧИТЕ: Лажни пораки за „Безбеден град“ можат да ви ги украдат личните и банкарските податоци!

НОВА ИЗМАМА ГИ ТАРГЕТИРА ВОЗАЧИТЕ: Лажни пораки за „Безбеден град“ можат да ви ги украдат личните и банкарските податоци!

Министерството за внатрешни работи предупреди на нов бран фишинг измами во кои граѓаните добиваат лажни СМС пораки, електронска пошта, линкови до веб-страници, мобилни апликации и пораки преку социјалните мрежи со цел да им бидат украдени лични и финансиски информации.

Според МВР, измамниците се претставуваат како да испраќаат официјални известувања од системот „Безбеден град“ или од Одделот за моторни возила. Во пораките се наведува дека примачот има наводна сообраќајна казна и се повикува преку приложен линк да изврши плаќање.

Од Министерството апелираат граѓаните да бидат особено внимателни и да не отвораат сомнителни линкови, ниту да внесуваат лични податоци, броеви од банкарски картички, лозинки или други чувствителни информации на непроверени интернет-страници.

Воедно, препорачуваат секогаш да се проверува адресата на испраќачот, да се користи двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на корисничките сметки и секоја сомнителна порака веднаш да се пријави во надлежните институции или во банката.

МВР потсетува дека официјалните СМС известувања за сообраќајни прекршоци имаат јасни обележја. Тие се испраќаат исклучиво од испраќач со назив „MVR-SC“, содржат регистарска ознака на возилото и линк кој започнува со официјалната адреса https://safecountry.mvr.gov.mk.

Од Секторот за компјутерски криминал при МВР информираат дека активно работат на откривање на сторителите и преземаат мерки за спречување и санкционирање на ваквите интернет-измами, додека истрагите за последните случаи се во тек.