Внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи истражува сомнежи дека вработени во управните служби незаконски додавале категории во возачки дозволи, со што на одредени лица им било овозможувано да управуваат камиони и автобуси иако никогаш не положиле испит за соодветната категорија.
Според информации објавени во дел од медиумите, за незаконско додавање на Ц или Д категорија наводно се плаќале околу 1.400 евра. Овие тврдења сега се предмет на проверка од надлежните институции.
Од МВР потврдуваат дека за случајот е известено и надлежното Основно јавно обвинителство.
„Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, известено е надлежното Основно јавно обвинителство и во координација со обвинителството се преземаат соодветни активности за расчистување на случајот“, велат од Министерството.
Според Сител, со случајот е запознаен обвинител од скопското Јавно обвинителство, но постапката засега се води во рамките на МВР. Истрагата треба да покаже колку вработени биле вклучени во шемата и колкав број спорни возачки дозволи биле издадени.
Како наводно функционирала шемата?
Според досегашните информации, лицето кое сакало да добие повисока категорија најпрво пријавувало дека ја изгубило постојната возачка дозвола, по што поднесувало барање за издавање нова.
При постапката за изработка на новиот документ, наводно била додавана Ц или Д категорија која возачот реално не ја поседувал и за која немал положено соодветен испит.
Медиумот објавува и дека лицата кои сега се предмет на истрагата биле затекнати во момент кога се вршело додавање категории што возачот не ги поседувал.
Според информациите на Сител, дел од лицата кои се истражуваат наводно претходно биле поврзувани и со аферата со лажни пасоши откриена пред пет години.
Во тој случај десетмина вработени во МВР добија затворски и условни казни. Во аферата биле издадени повеќе од 200 лажни пасоши, при што биле користени идентитети на македонски државјани кои претходно немале извадено пасош, а во документите биле внесувани фотографии на други лица.
Истрагата за актуелниот случај со возачките дозволи продолжува, а треба да утврди дали постоела организирана шема, колку лица биле вклучени и колку дозволи со незаконски додадени категории биле издадени.










