Екстремно топлиот бран продолжува и денеска, петок, 28 август, а температурите во Македонија на одредени места ќе достигнат до 40 степени, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.
Топлата воздушна маса која продира од југ, односно од Африка, ќе услови сончево и многу топло време, со мала до умерена локална облачност.
Во текот на денот ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, кој локално и повремено може да достигне брзина од 50 до над 60 километри на час.
Во попладневните часови се очекуваат услови за локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На одредени места постои можност и за краткотрајно невреме со силен ветер и појава на град.
Во Скопје и околината ќе биде сончево и екстремно топло, со мала до умерена облачност и умерен до засилен северен ветер. Во делови од Скопската Котлина попладне се можни краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Максималните дневни температури низ Македонија ќе се движат од 32 до 40 степени, додека во Скопје се очекуваат околу 39 степени.
Дополнителен проблем ќе претставува поголемото присуство на сахарска прашина и песок во атмосферата, поради што воздухот ќе биде заматен, а времето мачно и спарно. Според Попоски, ваквите услови ќе придонесат високите температури субјективно да се чувствуваат уште поизразено.
Поради екстремната жештина, Попоски апелира граѓаните без поголема потреба да не престојуваат на отворено во најтоплиот дел од денот, особено од 11 до 17 часот, како и да внесуваат доволно течности.









