НЛБ Банка издаде итно предупредување до своите клиенти за појава на лажни СМС пораки преку кои се прави обид за злоупотреба на лични податоци и финансиски средства, при што измамниците се претставуваат како банката.
Станува збор за пораки кои содржат сомнителен линк, наводно поврзан со НЛБ Банка, преку кој од корисниците се бара да ги внесат своите податоци со образложение дека треба да ја ажурираат сметката или да ја активираат услугата NLB Pay.
Од банката потенцираат дека името и логото на НЛБ Банка се злоупотребени за да се создаде впечаток на автентичност и да се доведат клиентите во заблуда.
„Имајте предвид дека овие пораки не се испратени од НЛБ Банка и се работи за обид за измама и злоупотреба на вашите финансиски средства“, соопштија од банката.
Единствениот легитимен начин за активација на услугата NLB Pay е преку официјалните продавници за апликации: Google Play Store, Apple App Store и Huawei AppGallery.
Граѓаните се повикуваат да не постапуваат по ваквите пораки и веднаш да ги пријават во Контакт центарот на НЛБ Банка на 02/15600 или на [email protected].
„Банката веќе презема мерки за деактивација на лажната веб-страница и спречување на измамата“, додадоа од НЛБ Банка.









