Системот „Сејф сити“, односно „Безбеден град“, од вчера започна автоматски да ги детектира и сообраќајните прекршоци направени со мотоцикли, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Според него, надлежните пронашле техничко решение со кое мотоциклите можат да бидат идентификувани преку системот на локациите каде што тој веќе е имплементиран.
Посебен акцент е ставен на прекршоците поврзани со возење со брзина поголема од дозволената.
„Од вчера е започнато со детектирање и автоматско ловење и на мотоциклите на територијата, таму каде што го имаме имплементирано Безбеден град“, изјави Тошковски.
Министерот упати и порака до мотоциклистите кои не ги почитуваат сообраќајните прописи дека отсега и тие ќе бидат опфатени со автоматскиот систем за санкционирање.
Како што посочи, целта на новото техничко решение не е само казнување, туку пред сè зголемување на безбедноста на мотоциклистите и на останатите учесници во сообраќајот.
Тошковски најави дека наскоро се очекуваат и првите податоци за бројот на мотоциклисти чии прекршоци биле регистрирани преку „Сејф сити“.
„Најдовме технички начин како да бидат и тие констатирани во рамките на сторувањето на прекршокот за возење со недозволена брзина“, рече министерот.
Извор: Скопје1.мк









