Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која езерото Онтарио го преименува во „Езеро Америка“, во период на сериозни трговски тензии меѓу САД и Канада.
Трамп изјави дека промената стапува во сила веднаш, а со наредбата американското Министерство за внатрешни работи треба да го примени новото име во официјалната федерална употреба.
Сепак, промената важи само за американската федерална употреба и не значи дека Канада, меѓународните организации или други институции се обврзани да го користат името „Езеро Америка“.
Езерото Онтарио е едно од петте Големи езера во Северна Америка и го делат Канада и САД. Околу 52 проценти од неговата површина се на канадска страна, додека остатокот е покрај американската сојузна држава Њујорк.
Канадскиот премиер Марк Карни веднаш реагираше и порача дека Канада нема да го прифати новото име. Тој нагласи дека името Онтарио е старо повеќе од 400 години и постоело уште пред создавањето на современите држави Канада и САД.
И гувернерката на Њујорк, Кети Хокул, порача дека нејзината сојузна држава нема да го нарекува езерото „Езеро Америка“.
Одлуката доаѓа само неколку дена откако пропаднаа интензивните трговски разговори меѓу Вашингтон и Отава, при што двете страни меѓусебно се обвинија за неуспехот на преговорите.
Ова не е прво географско преименување на Трамп. Во јануари 2025 година тој нареди Мексиканскиот Залив во американската федерална употреба да биде преименуван во „Залив на Америка“.






