ПРВ.мк
Црна Хроника

Тешка трагедија во Словенија: Тројца македонски државјани загинаа, двајца се повредени

Тешка трагедија во Словенија: Тројца македонски државјани загинаа, двајца се повредени

Тројца македонски државјани загинаа, а уште двајца се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила на приморскиот автопат во Словенија, на делницата меѓу Унец и Равбаркоманда, во правец кон Копер.

Според првичните информации од словенечката полиција, во несреќата учествувале патнички автомобил и камион. Камионот поради дефект бил запрен покрај автопатот, кога автомобилот удрил во задниот лев дел од неговата приколка.

Во автомобилот се превезувале пет лица и сите биле македонски државјани.

За тројца од нив лекар на самото место констатирал смрт. Еден од повредените бил итно пренесен со медицински хеликоптер во болница, додека возачот на автомобилот, кој исто така бил повреден, бил транспортиран со возило на Итната медицинска помош.

Несреќата била пријавена во 16:28 часот, по што на местото пристигнале повеќе полициски и противпожарни екипи. Во истрагата се вклучени и државен обвинител и истражен судија.

Точната причина за несреќата засега не е утврдена, а словенечката полиција најави повеќе информации по завршувањето на првичните истражни дејствија.

Поради трагедијата, автопатот во правец кон Копер бил затворен, при што се формирале долги колони возила. Товарниот сообраќај бил пренасочуван кај Логатец.

Краткотрајно била затворена и спротивната насока кон Љубљана за да може да слета медицинскиот хеликоптер, по што сообраќајот таму повторно бил воспоставен.