ПРВ.мк
Македонија

Западнонилска треска потврдена кај две угинати птици во Македонија – над 100 пријави за само неколку дена

Западнонилска треска потврдена кај две угинати птици во Македонија – над 100 пријави за само неколку дена

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) го засили надзорот за западнонилска треска кај живината и дивите птици низ целата држава, откако лабораториските анализи потврдиле два позитивни случаи – по еден во Скопје и во Ресен.

Од 24 до 27 август до АХВ пристигнале повеќе од 100 пријави од граѓани за пронајдени угинати птици. Сепак, од Агенцијата посочуваат дека не секоја пријавена птица е соодветна за лабораториско испитување за западнонилска треска.

Од досега обработените примероци, вирусот е потврден кај една угината птица пронајдена во Скопје и кај една во Ресен.

Активниот надзор опфаќа лабораториски тестирања на живина од селски стопанства, птици кои се чуваат во затворени објекти и одгледувалишта на водени птици. Се следат кокошки, мисирки, фазани, еребици и ноеви, како и повеќе видови диви птици.

АХВ ги повикува одгледувачите да ги почитуваат мерките за биосигурност и, колку што е можно, да го спречат контактот меѓу домашната живина и дивите птици.

До граѓаните е упатен апел да пријават доколку забележат поголем број угинати преселни птици на исто подрачје, но и да не се создава паника поради поединечни случаи.

Во Скопје угинатите птици се собираат во соработка со Град Скопје, додека во останатите општини постапуваат официјалните ветеринари заедно со локалните комунални претпријатија. По земањето примероци, птиците безбедно се отстрануваат, а местото се дезинфицира.