ПРВ.мк
Македонија

Нема нови случаи на западнонилска треска од 19 септември – Клековски со најнови информации

Нема нови случаи на западнонилска треска од 19 септември – Клековски со најнови информации

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спровел контрола во три здравствени установи во врска со случајот на пациентката Љ.Ш., опфаќајќи го периодот од мај до септември 2026 година.

Клековски посочи дека побарал контролата дополнително да биде проширена и кај матичниот лекар на пациентката, како и во приватната здравствена установа во која, според досегашните искази, таа била третирана.

Според министерот, целта е да се добие целосна слика за секој чекор од лекувањето и да се утврдат сите релевантни околности поврзани со случајот.

Клековски нагласи дека по завршувањето на контролата, резултатите најпрво ќе ѝ бидат соопштени на самата пациентка, а потоа ќе биде информирана и јавноста.

„Таа има право прва да знае, потоа резултатите ќе бидат соопштени и јавно“, порача Клековски.

Министерот информираше и за актуелната состојба со западнонилската треска. Според податоците што ги соопшти, од 19 септември нема нови регистрирани случаи, додека 12 лица во моментов се на болничко лекување.

Податоците за состојбата се објавуваат и на платформата healthalert.mk.