Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека борбата против недозволената трговија со дрога нема да се сведува само на откривање и заплена на наркотиците, туку истрагите ќе бидат насочени и кон криминалните структури и финансиските текови што стојат зад овој вид криминал.
Тошковски денеска во Полициската академија во Скопје присуствуваше на отворањето на обука за истраги и кривично гонење на кривични дела поврзани со дроги, организирана од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC), со поддршка на Амбасадата на САД.
Обуката е дел од проектот за поддршка на спроведувањето на Националната стратегија за дроги и е насочена кон унапредување на капацитетите за водење сложени истраги, вклучувајќи финансиски истраги, одземање имот и примена на посебни истражни техники.
Тошковски истакна дека борбата против трговијата со дрога останува еден од клучните приоритети на МВР. Според податоците што ги изнесе, годинава биле откриени над 10 килограми кокаин, а во една од најголемите операции биле одземени над 40 тони марихуана и канабис-биомаса. Во одделни акции биле запленети дополнителни 150 и 65 килограми марихуана, додека минатата недела биле откриени 680 килограми стебла канабис. Реализирани биле и повеќе случаи поврзани со хероин и синтетички дроги, меѓу кои амфетамин, метамфетамин и МДМА.
Следниот чекор, според министерот, е истрагите да одат подлабоко и да не завршуваат со самата заплена.
„Нашата цел е овие активности да продолжат со уште поголема ефикасност и да бидат насочени не само кон заплената на дрогата, туку и кон откривање на лицата, структурите и финансиските текови што стојат зад нејзината трговија“, порача Тошковски.
Тој нагласи дека за таков пристап се неопходни силна меѓународна соработка, навремена размена на информации и заедничко дејствување, а изрази благодарност до САД и UNODC за поддршката во јакнењето на институционалните и оперативните капацитети на МВР.








