ПРВ.мк
Црна Хроника

ЧЕТИРИ ЖИВОТИ ЗГАСНАА ВО ПОЖАР: Мајка и нејзините три деца пронајдени во семејниот дом

ЧЕТИРИ ЖИВОТИ ЗГАСНАА ВО ПОЖАР: Мајка и нејзините три деца пронајдени во семејниот дом

Мајка и нејзините три деца го загубија животот во пожар што избувнал во нивниот семеен дом во Бутл, во британскиот округ Мерсисајд.

Трагедијата се случила во раните утрински часови на 22 септември. Загинале 36-годишната Елиша Брабин и нејзините три деца – 16-годишниот Лео, осумгодишниот Елис и седумгодишната Пруденс.

Според резултатите од истрагата, пожарот бил предизвикан од електричен дефект поврзан со литиум-јонска батерија. Батеријата влегла во состојба позната како „термичко бегство“, при која температурата неконтролирано расте и може да предизвика исклучително интензивен пожар.

Околу 3:45 часот на местото интервенирале шест противпожарни возила. Пожарникарите ги пронашле мајката и трите деца во спална соба на горниот кат, но тие веќе не давале знаци на живот. Уште едно лице било пренесено во болница со изгореници.

Противпожарните власти предупредиле дека дефектите кај литиум-јонските батерии можат да доведат до многу брзо ширење на пожарот. Вакви батерии се користат кај електрични велосипеди, електрични тротинети и голем број други уреди.

Сепак, надлежните не прецизирале во кој конкретен уред била користена батеријата што се поврзува со пожарот.

Семејството ја опишало Елиша како посветена и грижлива мајка која живеела за своите деца.