Голем број граѓани овие денови доброволно се вклучуваат во гаснење на пожари, но токму таа храброст може да ги чини здравје – или дури живот. Професорот Андон Чибишев од Универзитетската клиника за токсикологија упати сериозно предупредување до јавноста, апелирајќи никој да не се вклучува во борба со огнот без соодветна заштитна опрема.
Според Чибишев, на социјалните мрежи се споделуваат бројни видеа и фотографии каде што граѓани се обидуваат да помогнат во гаснење на пожари рамо до рамо со пожарникари – но без никаква заштита од чадот и токсичните гасови. Тоа, според него, е сериозен ризик за здравјето.
„Повторно морам да предупредам дека е крајно ризично и опасно граѓаните да се вклучуваат во гаснење пожари доколку не се соодветно заштитени. Чадот и отровните гасови, како јаглерод моноксид и цијанводород, можат да бидат смртоносни – и тоа без никакво предупредување“, изјави тој.
Професорот истакна дека дури и професионалци, како пожарникари и полицајци, мора секогаш да користат заштитна опрема при гаснење пожари, бидејќи последиците од труење со овие гасови можат да бидат многу сериозни, па дури и фатални.
Како потврда на неговите зборови, изминатиот викенд се случи инцидент во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде што запалената сува трева предизвика паника и евакуација на публика и учесници на ракометен турнир. Во гаснењето учествуваа и деветмина полицајци, кои по интервенцијата завршија на Клиниката за токсикологија, откако вдишале голема количина чад.
Овој настан е уште еден доказ за тоа колку е важно само обучен и заштитен кадар да интервенира во вакви ситуации. Граѓаните кои сакаат да помогнат, најдобро тоа да го направат преку пријавување на пожарите и следење на упатствата од надлежните служби, а не со директно вклучување без опрема.