Рускиот претседателски портпарол, Дмитриј Песков, денеска остро негираше каква било вмешаност на Русија во техничкиот проблем што се појави при слетувањето на авионот во кој патуваше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. „Вашите информации се неточни“, изјави Песков за новинарите, пренесува Газета.ру, истакнувајќи дека обвинувањата за наводен руски напад се неосновани.
Претходно, британскиот „Фајненшл тајмс“ објави дека наводно рускиот напад предизвикал попречување на ГПС навигациските услуги на бугарскиот аеродром во Пловдив, што предизвикало загриженост за безбедноста на авионот.
Портпаролот на Европската унија потврди дека системот за глобално позиционирање (ГПС) навистина бил попречен за време на патувањето на Фон дер Лајен, но дека авионот слетал безбедно. „Можеме да потврдиме дека имало попречување на ГПС, но слетувањето беше безбедно. Добивме информации од бугарските власти дека постои сомнеж за наводно руско попречување“, изјави портпаролот, пренесоа британските медиуми.
Бугарската влада објасни дека сигналот на ГПС бил изгубен кога авионот се приближил до Пловдив, што принудило контролорите на воздушниот сообраќај да користат системи за навигација на земја за да обезбедат безбедно слетување.
Инцидентот се случи додека претседателката на ЕК беше на четиридневна турнеја низ земјите-членки на ЕУ кои граничат со Русија, што дополнително ја нагласи сериозноста на безбедносните мерки при патувањата на високи претставници.