Проектот „Македонијо, во срце те носиме“ доби ново продолжение кое овојпат носи исклучителна емотивна тежина. Наум Петрески, еден од најмоќните вокали на македонската музика, ја изведе песната „Ако умрам ил загинам“ во чест на својот трагично починат пријател Андреј од дуото ДНК, кој го загуби животот во пожарот во дискотеката во Кочани.
Сценариото на видеото, создадено од Скендеровски Продукција, ја надминува класичната патриотска порака и се претвора во трогателен омаж за пријателството. Во спотот се вметнати фотографии и снимки од дружбите на Наум и Андреј, прикажувајќи го не само како музичар и уметник, туку и како човек со големо срце и верен пријател.
Новата аранжманска визија е дело на маестро Николче Мицевски, кој успеал да ја задржи суштината на оригиналната композиција на Јонче Христовски, но истовремено да ѝ даде свежа, современа емоција. Гласот на Наум Петрески додава дополнителна длабочина, претворајќи ја изведбата во вистинска молитва – за Македонија, но и за загубениот пријател.
Стиховите „Немој да ме жалите, напијте се рујно вино…“ во оваа изведба добиваат двојна смисла – како патриотска порака и како интимна проштална желба за достоинствено сеќавање на животот. Наместо тага, песната пренесува повик кон славење на спомените и вечната врска што останува зад себе.
Со ова видео, Наум Петрески не само што ја продолжи мисијата на проектот, туку и создаде уникатна проштална порака која ќе остане засекогаш врежана во срцата на неговите обожаватели и пријателите на Андреј.
Видео: