Во преспанското село Љубојно жителите веќе десетина дена протестираат и алармираат дека неконтролираната сеча на шумите над селото може да предизвика катастрофа, а нивните стравови вчера станаа реалност. Силно невреме со пороен дожд и град го зафати регионот, по што улиците и неколку куќи и дворови во селото беа поплавени.
Мештаните сведочат дека дождот врнел речиси 40 минути, а половина од тоа време паѓале и крупни зрна град. Последиците биле очигледни – водата се излеала по улиците, а земјениот пат, кој претходно бил оштетен од камиони што транспортирале сечени дрва, дополнително бил раскопан.
Жителите со гнев и разочараност велат дека предупредувале на ова сценарио, барајќи да престане сечата на дрвјата на планината Бистра, која, според нив, ја уништува природната заштита од поројните води.
Од Владата, пак, излегоа со поинакво објаснување. Според нив, станува збор за регуларна и законска сеча на нискостеблен даб во делови од шумско-стопанската единица „Пелистер – Брајчино“. Тврдат дека целата постапка е спроведена согласно научни принципи, под целосна контрола, со изготвен план од стручни лица, рецензиран и одобрен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
И покрај овие тврдења, мештаните остануваат на ставот дека шумата се уништува, а нивните животи и домови се оставени без заштита, стравувајќи дека оваа поплава може да биде само најава за уште поголеми несреќи.
Видео: