Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва, на почетокот од состанокот со европските лидери во Белата куќа, соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин прифатил безбедносни гаранции за Украина – потег кој може да биде клучен чекор кон ставање крај на војната.
„Верувам дека Путин, во многу значаен чекор, се согласува дека Русија ќе прифати безбедносни гаранции за Украина,“ изјави Трамп, потенцирајќи дека тоа може да ја отвори вратата за трилатерален состанок со Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
И Зеленски и Трамп изразија надеж дека денешните разговори со европските лидери ќе резултираат со директна средба меѓу Киев и Москва, со посредство на Вашингтон. Американскиот претседател појасни дека нема намера да испрати американски трупи, но најави „нешто како присуство во стилот на НАТО“ кое ќе гарантира безбедност за Украина.
„Кога станува збор за безбедноста, ќе има многу помош,“ додаде Трамп, нагласувајќи дека европските земји ќе бидат во првата линија на одбраната, но дека САД ќе стојат зад нивната поддршка.
Средбата во Белата куќа беше свикана по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин од минатиот петок, по кој американскиот претседател порача дека сега одговорноста паѓа на Зеленски да направи отстапки што би можеле да доведат до крај на конфликтот.
„Доколку сè помине непречено денес, ќе имаме трилатерален состанок,“ изјави Трамп, додавајќи: „Ќе работиме со Русија, ќе работиме со Украина. Ако состанок во таков формат не се одржи – борбите ќе продолжат.“
Зеленски, од своја страна, потврди дека е подготвен за трилатерален состанок, нарекувајќи ја оваа иницијатива „добар сигнал“.
Во меѓувреме, Трамп најави дека по завршувањето на разговорите ќе стапи во нов контакт со Путин. Интересно е што американскиот претседател јасно порача дека не смета прекин на огнот за предуслов за мировен договор – позиција која се совпаѓа со ставот на Путин, но е одбиена од Киев и дел од европските лидери.
На мултилатералниот состанок присуствуваа и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, финскиот претседател Александар Стаб и генералниот секретар на НАТО Марк Руте. Сите заедно дискутираа за можните механизми преку кои конечно би се ставил крај на војната во Украина.