Македонија ќе набави 150 електрични еколошки автобуси и 75 станици за полнење, откако како најповолна беше избрана понудата на унгарската компанија „Електробус – Икарус“ и австриската ЕВН.
Според Министерството за транспорт, цената изнесува околу 314 илјади евра по автобус. „Икарус“ ќе ги испорача автобусите, додека ЕВН ќе ги обезбеди станиците за полнење.
Автобусите треба да имаат моќност од најмалку 300 kW, капацитет за најмалку 66 патници и автоматски клима уред за ладење и греење. Избраниот оператор ќе биде задолжен и за одржување, поправки и резервни делови во следните 10 години.
Првите 30 автобуси и 15 полначи треба да пристигнат најдоцна шест месеци по склучување на договорот, а целата испорака треба да заврши во рок до 18 месеци.
Од „Икарус“ велат дека ова е најголемата набавка на електрични автобуси во историјата на компанијата. Според планот, 100 автобуси ќе бидат наменети за Скопје, а 50 за други градови во Македонија.









