ПРВ.мк
Македонија

НАЈАВЕНО НОВО НЕВРЕМЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Поројни дождови, силен ветер и град!

НАЈАВЕНО НОВО НЕВРЕМЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Поројни дождови, силен ветер и град!

Македонија ја очекува значителна промена на временските услови поради спуштање на ладен атмосферски фронт од север, кој во среда, 22 јули, во утринските и раните претпладневни часови ќе донесе нестабилно време во поголем дел од земјата.

Според најавите на метеорологот Славчо Попоски, на повеќе места ќе се развиваат конвективни облаци и ќе се формираат нестабилни и влажни воздушни маси, што ќе создаде услови за честа појава на поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер.

Во текот на овој период атмосферските процеси ќе бидат значително поизразени, па во повеќе региони се очекува невреме со интензивен пороен дожд, силни и чести електрични празнења, ветер со брзина од 50 до над 60 километри на час, како и локална појава на град.

Поради можноста за изразени временски непогоди, Попоски апелира граѓаните да бидат особено внимателни, особено доколку се најдат на отворен простор за време на силни грмежи, молњи и засилен ветер, бидејќи ваквите појави можат да претставуваат опасност.

Нестабилното време нема да го заобиколи ниту главниот град. Во Скопје и околината во утринските и претпладневните часови се очекуваат повремени поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер. Во одделни делови од Скопската Котлина ќе има услови за развој на поинтензивно невреме, проследено со обилен дожд, силен ветер со брзина од 50 до над 60 километри на час, чести електрични празнења и локална појава на град.

Воедно, уште во текот на вечерните часови и во текот на ноќта кон среда ќе започне продор на посвеж воздух, што ќе означи почеток на заладување и постепен пад на температурите низ Македонија. Најизразено намалување на температурите, според Попоски, прво ќе се почувствува во северните делови на земјата, по што посвежото време постепено ќе се прошири и во останатите региони.