Министерството за внатрешни работи продолжува со реализација на превентивни и едукативни активности низ Македонија, насочени кон зголемување на безбедноста на граѓаните, спречување на криминалот и подигнување на јавната свест за одговорно однесување.
Во Виница, полициски службеници одржаа средба со Здружението на пензионерите, на која повозрасните граѓани беа информирани за начините на препознавање и спречување телефонски измами. Од МВР апелираат граѓаните да не споделуваат лични и банкарски податоци, да ги проверуваат сомнителните информации и секој обид за измама да го пријават на 192 или 112.
Во Свети Николе беше реализирана кампањата „Стави појас“, додека во Пробиштип, под мотото „Слави со срце, не со оружје“, граѓаните беа едуцирани за опасностите од употребата на пиротехнички средства и славеничкото пукање.
Посебно внимание беше посветено на безбедноста на најмладите. Во Велес, Радовиш и повеќе скопски училишта беа организирани едукативни предавања за сообраќајна безбедност, препознавање на меѓуврсничкото насилство и превенција од зависности.
Во Кавадарци, во соработка со локалната самоуправа и невладиниот сектор, беше реализирана работилница во рамките на меѓународната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
Слични активности беа спроведени и во општините Чашка и Градско, со акцент на навременото пријавување на семејното насилство и механизмите за заштита на жртвите.
Во Неготино, пак, беа реализирани превентивни активности посветени на борбата против зависностите и опасностите од управување моторно возило под дејство на алкохол.
Преку непосредна комуникација со граѓаните, едукативни работилници и соработка со локалните заедници, МВР ја зајакнува превентивната улога на полицијата, со цел градење побезбедно општество и поголема доверба меѓу граѓаните и институциите.









