Љубовната приказна на поранешната српска премиерка Ана Брнабиќ и нејзината партнерка Милица Ѓурѓиќ трае повеќе од 15 години, а и покрај големиот медиумски интерес, тие успеваат поголемиот дел од приватниот живот да го зачуваат далеку од очите на јавноста.
Според пишувањата на српските медиуми, двете се запознале околу 2010 година во Белград преку заеднички пријател. Нивната врска со текот на времето станала сериозна, а заедно живееле уште пред Брнабиќ да застане на чело на српската влада во 2017 година.
Милица по професија е лекарка, специјалист по радиологија, а работела и во Клиничкиот центар на Србија. За разлика од Брнабиќ, таа ретко се појавува во медиумите и претпочита да ја зачува својата приватност.
Еден од најзначајните моменти во нивниот заеднички живот се случил во февруари 2019 година, кога Милица го родила нивниот син Игор, зачнат со медицински потпомогнато оплодување.
Брнабиќ во неколку наврати зборувала за нивното секојдневие, откривајќи дека Милица е построга во воспитувањето на синот, додека таа е попопустлива.
„Јас не сум строга, но добро е некој да одржува дисциплина“, се пошегувала Брнабиќ.
И покрај долгогодишната врска, двете не се во брак. Брнабиќ лично ги демантирала медиумските написи дека се венчале во странство.
„И јас слушнав дека сме се венчале, но тоа не е точно. Во врска сме повеќе од 15 години, но не сме во брак“, изјавила таа во документарниот филм „Ана е тука“.










