Романија побарала помош од НАТО за обезбедување на стратешкиот гасен проект „Нептун Дип“ во Црното Море, поради ограничените капацитети на романските вооружени сили за поморски надзор и заштита од беспилотни летала, пренесува порталот „Новине инфо“.
Букурешт бара дополнително ангажирање на капацитетите на Алијансата, вклучувајќи патролни авиони, системи за откривање и неутрализирање дронови, како и поголемо воено присуство во црноморскиот регион.
Како една од главните причини за барањето се наведува инцидент од изминатото лето, кога беспилотно пловило со експлозив се приближило до гасната платформа.
„Нептун Дип“ претставува најголем романски проект за експлоатација на природен гас во Црното Море, со проценети резерви од околу 100 милијарди кубни метри и инвестиција вредна до четири милијарди евра.
Планираното годишно производство изнесува осум милијарди кубни метри природен гас, а почетокот на експлоатацијата е предвиден за првата половина на 2027 година.
Според процените на операторите, реализацијата на проектот би можела да ја позиционира Романија како најголем производител на природен гас во Европската Унија, со значајна улога во европската енергетска безбедност.
Според објавените информации, НАТО засега официјално не го коментирал барањето на Букурешт.






