Додека лицата со аутизам во многу земји сè уште се соочуваат со дискриминација во образованието, здравството и при вработувањето, некои од најуспешните светски компании во нивните способности препознаваат значителна конкурентска предност.
Швајцарскиот лекар и психолог Рафаел Бене, раководител на Центарот за аутизам и ментален развој (CADEM), во интервју за хрватскиот „Тпортал“ објаснува колку општеството губи поради предрасудите и недоволното разбирање на лицата со аутизам.
Според него, компании како Apple, Microsoft, Nvidia, Oracle, Samsung, Rolex и Roche го препознаваат потенцијалот на овие лица и ја приспособуваат работната средина на нивните потреби.
„Некои директори ми рекоа дека вработен со аутизам ги спасил, дека прецизно ги гледа работите и има око за детали и обрасци“, истакнува Бене.
Тој објаснува дека способноста за забележување детали, аналитичкото размислување, прецизноста и препознавањето неправилности кај дел од лицата со аутизам можат да бидат особено вредни во инженерството, технологијата и научните истражувања.
Сепак, нагласува дека аутизмот претставува широк спектар и дека секое лице има различни способности, предизвици и потреби за поддршка.
Според швајцарскиот експерт, незнаењето, стравот и стереотипите се меѓу главните причини за дискриминацијата, а едукацијата е клучна за нивно надминување.
Бене повикува на поголеми инвестиции во инклузивното образование, приспособувањето на работните места и поддршката на семејствата.
„Вложувањето во приспособувањето на средината за овие деца е вложување во иднината. Првата земја што ќе го разбере тоа ќе создава богатство“, порачува тој.







