Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков и директорот на Завод и музеј – Охрид, денеска го посетија Музејскиот комплекс „Музеј на вода“, еден од највпечатливите културно-туристички локалитети во земјава.
Овој уникатен музеј, кој спојува природна убавина со културно наследство, доби целосно нов лик. До пред една година, локацијата беше запуштена – со оштетена платформа, уништени покриви на колибите, нефункционален систем за наводнување и несоодветни услови за работа. Денес, по темелна реконструкција и инвестиција од околу 15 милиони денари, Музејот на вода повторно е подготвен да ги пречека посетителите.
Во рамки на обновата:
- Санирани се платформата и покривите на колибите
- Уредена е терасата пред музејската зграда
- Започната е постапка за поставување нов систем за наводнување
- Обновен е ентериерот на музејот
- Набавена е нова опрема за подобро искуство на посетителите
Со овие зафати, музејот повторно добива централна улога во туристичката понуда на Охрид и на целата држава. Присуството на премиерот Мицкоски на денешната посета ја потврдува важноста што Владата ја дава на зачувувањето и унапредувањето на македонското културно наследство, како и на туризмот како стратешки сектор.
Реновираниот „Музеј на вода“ веќе се подготвува за нова сезона со зголемен број посетители, а институциите најавуваат и нови активности за дополнително збогатување на содржините.









