Во Скопје синоќа се случи несекојдневна и вознемирувачка сцена – од средишната шахта на булеварот „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба почна да истекува голема количина мистериозна хемиска пена. Граѓаните кои минувале низ овој дел од Автокоманда веднаш ја забележале чудната појава, дел од нив ја фотографирале и ја споделиле на социјалните мрежи, по што вознемиреноста дополнително се прошири.
Инспекторатот на Град Скопје експресно реагирал и спровел вонреден инспекциски надзор на терен. За многумина изненадување, но за институциите сериозен сигнал, инспекторите утврдиле дека загадувањето доаѓа од фирма која работи во непосредна близина на местото каде што се појавила пената.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, веднаш се огласи со остра реакција, опишувајќи ја ситуацијата како „алармантна“. Тој истакна дека инспекциските служби на лице место затекнале масовно истекување хемиска супстанца која се слевала по јавната површина, што претставува сериозно прекршување на законските прописи и директна опасност за животната средина.
Според информациите што ги сподели градоначалникот, од местото се земени повеќе примероци: од самата шахта, од површината на булеварот, како и од опремата на фирмата за која се сомнева дека е извор на инцидентот. Примероците веќе се испратени на анализа, а резултатите се очекуваат во текот на денешниот ден. Тие ќе бидат клучни за утврдување на точниот состав на пената и за тоа дали станува збор за материја опасна по здравјето на луѓето и животната средина.
Покрај тоа, денеска треба да биде разгледан и елаборатот за животна средина што компанијата е должна да го поседува. Преку него ќе се утврди дали фирмата со своите процеси работи во согласност со законските правила и дали постојат пропусти кои довеле до ова потенцијално опасно истекување.
Градоначалникот јавно порача дека, по утврдувањето на сите факти, ќе следуваат најстроги санкции за правното лице доколку се докаже дека го прекршило законот. Тој истакна дека нема да има никаква толеранција за субјекти кои ја загадуваат околината, го загрозуваат здравјето на граѓаните или нанесуваат штета на јавниот простор.















