ПРВ.мк
Македонија

„МИРИСОТ НÈ ЗАДУШУВАШЕ“: Придружниот вокал на ДНК со потресно сведоштво за пожарот во Кочани!

„МИРИСОТ НÈ ЗАДУШУВАШЕ“: Придружниот вокал на ДНК со потресно сведоштво за пожарот во Кочани!
Kristal

Со силни емоции и детали што ја замрзнуваат крвта, Ана Костадовска, придружен вокал и соработник на групата ДНК, сведочеше пред Судот за драматичните моменти за време на трагичниот настан во дискотека во Кочани, опишувајќи сцени на паника, оган и очајничка борба за воздух.

Костадовска појасни дека не била постојан член на бендот, туку била ангажирана по потреба, зависно од настапите. Таа настапувала заедно со Сара Пројковска, со која, како што изјави, ја поврзува и професионална и пријателска соработка, пренесе 4news.mk.

Во текот на распитот, обвинителството поставувало прашања поврзани со нејзиниот ангажман и организацијата на настапот. Одбраната реагирала со приговор дека сведоците треба да одговараат исклучиво на прашања директно поврзани со кривичните дела, но Судот не го прифатил приговорот и сослушувањето продолжило.

Таа посочи дека за техничката поддршка бил задолжен Мартин Атанасов, додавајќи дека лично никогаш не видела кој ги поставувал прскалките на сцената. Според неа, тие со години се користеле без да предизвикаат проблеми.

„Стоеја до нас, прскаа и во опремата, но никогаш претходно немало инцидент“, изјави Костадовска.

На 15 март, во Кочани пристигнале со автомобил заедно со Андреја и Сара, додека Панчо пристигнал подоцна. Наместо класичен бекстејџ, изведувачите се подготвувале во импровизирана просторија одвоена од дискотеката, во која имало и импровизиран тоалет.

Концертот започнал околу 1:30 часот по полноќ. Објектот бил преполн, а изведувачите морале да се пробиваат низ публиката за да стигнат до бината. Според нејзиното сведочење, прскалките секогаш се активирале на иста песна, но овојпат ситуацијата за кратко време излегла од контрола.

„Почувствував топлина и кога погледнав нагоре – гореше“, рече таа пред Судот.

Откако се симнала од бината, забележала врата и ги повикала останатите да излезат, но кога се обиделе да ја отворат, утврдиле дека е заклучена со катанец. Потоа се упатиле кон шанкот во обид да најдат друг излез, но во меѓувреме хаосот се проширил.

„Се слушаа пукања, пластиката почна да пука, беше многу жешко. Настана стампедо и не можевме да излеземе“, сведочеше таа.

Таа и Сара стигнале до делот кај тоалетите, но во метежот биле оттурнати и разделени. Костадовска паднала непосредно пред излезот и била затрупана од луѓе.

„Имаше страшен мирис што те тераше да заспиеш. Се трудев да останам свесна. Еден дечко до мене нè држеше будни сите. Ногата ми беше приклештена, имаше луѓе над мене. Сцената беше како хорор“, изјави таа.

Во еден момент почувствувале свеж воздух, што им дало надеж дека излезот е отворен. Со помош на непознато момче успеала да ја ослободи ногата и да излезе надвор.

„Не се сеќавам кој беше момчето што ми помогна, но ми го спаси животот“, рече Костадовска во своето потресно сведочење, опишувајќи ја ноќта која, како што истакна, засекогаш ќе остане врежана во нејзината меморија.

Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo